Кој е Ристо Јуруков?

Ристо

Јуруков

Ристо Јуруков е роден во Кочани, на 5 јуни 1927 година. Мајка му, Сава Јурукова, потекнувала од Охрид. Татко му Стојан, по потекло од Штип, бил крчмар и трговец кој по едно патување од Солун запрел во Кочани.

Ристо бил второ дете на Стојан и Сава.Неговата постара сестра Ленче Јурукова, подоцна Донева, е родена во почеток на дваесеттите години.

Во стара куќа, кај сегашното Водостопанство ‘Брегалница’, во центарот на Кочани, Ристо поминал убави детски години. Основно училиште завршил во Кочани, а средно-гимназија во Штип. Бил добар математичар, па како што било практика во тоа време, по препорака на професорите заминал да учи Електротехички факултет во Загреб, иако самиот не ја криел својата љубов кон музиката и желба за професионална ориентација.

Додека ја студирал првата година на електротехничкиот факултет во Загреб се дружел со Македонците од Загрепскиот конзерваториум, со чија поддршка (посебно на Кирил Македонски) успеал да се пренасочи на студиите по музика. Јуруков студирал заедно со првата генерација. Македонски музичари: Кирил Македонски, Тома Прошев, Фимчо Муратовски. Бил на отсекот обоа, но научил да свири и кларинет, труба, виолина и клавир.

Во повоена Југославија, сиромаштијата особено ја чувствувале студентите кои откако ќе заминеле на почетокот на студиската година, се враќале- на крајот, во јули. Сепак, студентскиот живот му овозможил дружење со многу Југословени, а еден од неговите најдобри другари бил Словенецот од Марибор, Алфонз-Фонзи. При неговото одење дома, тој го земал со себе и Јуруков. По него подоцна, Ристо ќе му го даде името на својот прв син.

"Музиката произведува вид на задоволство без кој човечката природа не може."
Конфучиј